Двонасочното консултирање и информирање Принцип на превенција

From OSHWiki
Jump to: navigation, search

1.  ВОВЕД

Нема вработен кој не е изложен на опасности по здравјето и животот. Ниту едно работно место не е целосно безбедно! Превенција и контрола на опасностите на работните места, пред сé.

Безбедност и здравје при работа (БЗР) е уставна категорија со статус на основно право на секој вработен кое влегува во групата на “уставно гарантираните основни економски, социјални, културни и хуманитарни права на човекот”. Безбедноста и здравјето при работа (БЗР) е интердисциплинарен концепт на обезбедување на добросостојба на луѓето и психо-физичкиот интегритет на работниците, вклучени во процесот на работа. Но, во исто време е и заштита на работодавачите од непредвидени и неконтролирани економски и материјални загуби што произлегуваат од штетите настанати од непримената на мерките за БЗР. Како секундарен ефект се јавува и заштитата на колегите со кои работиме, индиректно нашите семејства, како и пошироката заедница.

Не смее мерките за БЗР да се компензирани со разни импровизации. Имајќи ја предвид оваа одговорност, задолжително е секој индивидуално да се залага за подигнување на личната и свеста на пошироката јавност за значењето, правата и обврските во однос на прашањето за безбедни и здрави услови при работа.

Многу често можете да слушнете дека на светско ниво се губи 4% од БНП. Но, реално е повеќе, бидејќи индиректните трошоци тешко се пресметуваат. Се зборува за милиони загинати на работните места, но во истиот момент си давате самите појаснување дека тоа му се случува на некој друг, дека е далеку од нас, дека ние сме искусни, колку години веќе ова го работиме... Можеби бројките преставуваат статистика но мораме да водиме сметка дека зад таквата статистика лежат човечки трагедии.

Едни од главните причини за настанување на повреди на работа се:

  • Немање на превентивна култура во општеството
  • Несоодветна или недоволна регулатива, или мноштво на прописи, правилници, стандарди и уредби;
  • Несоодветен  систем   на   БЗР,   недоволна обука,  комуникација,   консултација, информирање на сите чинители, неисправни/необезбедени средства за работа;
  • Недоволен надворешен и внатрешен надзор над примената на мерките за БЗР;
  • Скратување на времето на извршување на работите и зголемување на обврските, недоволно време извршителот да се прилагоди на новите барања и да размисли за можните опасности
  • Стрес, Рамнодушност, Ниско ниво на свест
  • Случајност – виша сила ...

Истражувањата покажуваат дека најголем дел од несреќите можат да се  спречат. Превенцијата е камен темелникот во пристапот кон управување со ризиците кои доведуваат до повреди на работа. Превенција (од лат. Praevenire = Спречува) значи планирање и примена на збир на мерки за да се спречи појава на било каква несакана појава, која може да доведе до несреќи, повреда, болест, стрес итн. Ова во делот на БЗР значи анализа на работните процеси со цел идентификување на ризиците, планирање на мерки, преземање на активности за нивна елиминација или ублажување со конечна цел намалување на повредите и професионалните заболувања како и следење на нивната ефикасност.

Основни начела на ПРЕВЕНЦИЈА на кои треба да се темелат мерките за БЗР кои ги спроведува работодавачот се: Избегнување на ризиците; Проценување на ризиците кои не можат да се избегнат; Справување со ризиците на самиот почеток; Прилагодување на технолошкиот процес како и на работата кон поединецот, особено во однос на карактеристиките на работното место и работната средина; Изборот на работни и производни методи и средства, личната заштитна опрема; Спроведување на мерки потребни за одржување и зајакнување на здравјето; Замена на опасното со помалку опасно; Развивање на целосна безбедносна стратегија која опфаќа технологија, организација на работа, работни услови, меѓучовечки односи и фактори кои влијаат врз работната средина; Давање приоритет на колективните безбедносни мерки наспроти поединечните мерки; Обезбедување на соодветни упатства, инструкции, обука, консултирање и известување на вработените; Контрола на работните услови; Планирање за итни случаи; Евидентирање, Документирање и пренесување на информациите за безбедност и здравје при работа; Истрага за несреќи на работно место.

Со Законот за безбедност и здравје при работа во Република Македонија се уредуваат мерките за БЗР, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на БЗР, како и превентивните мерки преку преземање и спроведување современи заштитни технички, здравствени, економски, правни, воспитни и организациски мерки и средства, насочени, пред сé против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа,  информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето на мерки за безбедност и здравје при работа.

Правно гледано крајната одговорност за превентивно делување ја носат работодавачите, но нивните напори се осудени на неуспех без активно учество и придонес на работниците со нивното знаење, искуство и однесување. Секако ова е задача и на државниот трудов инспекторат и други владини институции, службите по медицина на труд, образовните организации и професионалните здруженија. Имено мора да се стави акцент на индивидуалната одговорност.

Вработените на секое ниво имаат обврска да се грижат за сопствената безбедност и здравје на работното место како и за другите вработени врз кои имаат влијание преку своите работни активности, да делуваат на начин покажувајќи свесност за ризиците, да соработуваат со менаџментот за координирање на работите поврзани со БЗР, навремено да известуваат за недостатоците и можните опасности. Неопходно е отворено да се говори за безбедноста во рамки на атмосфера на доверба и да се промовира учење и почит кон знаењето и искуството и да се воспоставува и развива културата на безбедно работење што подразбира воспоставување на јасна политика за безбедност на компанијата,  ефикасна организација  за  безбедност,  поставување на правила и прописи за безбедност, утврдување на постапките за безбедно работење, обезбедување на обука, комуникација, консултација и информирање за безбедност за сите вработени, вршење постојан надзор и следење.

Ова би допринело кон намалување особено на бројот на мали несреќи и “блиски случаи“, боледувањата, стресот на работното место, како и до подобрување на мотивацијата и продуктивноста на работниците и свеста за прашањата поврзани со БЗР. Стресот на работното место е идентификуван како еден од главните причинители за отсуство од работа (боледување) и за болести во врска со работата. Токму поради тоа кампањата која во периодот 2014-2015 година ја спроведува Европската агенција за безбедност и здравје при работа е насловена со “Управување со стресот за здраво работно место“. Оваа кампања следува по спроведувањето на кампањата “Работиме заедно на превенција од ризик“ во перидоот 2013-2014 година. Консултирањето со вработените и нивното информирање треба е еден од водечките принципи на превенцијата, како и на ефективното управување.

Што е информирање и консултирање ?

Согласно Директивата за информирање и консултирање (2002/14/EC), информирањето

и консултирањето значи постоење на постојана двонасочна комуникација помеѓу работодавачот и неговите вработени. Ова треба да се однесува на било какви значајни случувања кои би можеле да влијаат на вклучените во процесот. Консултирањето на работниците создава култура каде односите меѓу работодавачите и вработените се базираат на принципите на соработка, доверба, отвореност, транспарентност, интегритет, меѓусебно почитување и заедничко решавање на проблемот. Истата побарува добро планирање, истражување, анализа, совети и фидбек. При тоа да се почитува мислења на секого. Во зависност од вашето работно место, може ќе треба да се земат во предвид културните и јазичните разлики.

Како што веќе претходно споменавме консултирањето и информирањето е законска обврска и е регулирано со членовите 12, 13, 14, 25, 26, 27, од Законот за безбедност и здравје при работа на Република Македонија. Сумарно работодавачите треба да се консултираат со своите вработени за прашањата на работното место кои можат да влијаат врз благосостојбата и продуктивноста, да ги информираат вработените за планираните активности и да ги слушнат и да ги земат во предвид нивните ставови при одлучувањето што да се направи, а вработените треба да се вклучени во оценувањето на ризиците на работното место како и во развојот на политиките за БЗР и во партнерство со работодавачот.

Обврската за консултирање и информирање е дадена и со Конвенцијата на МОТ за безбедност и здравје при работа, 1981  (бр.155) и нејзината придружна препорака (бр.164), со Водичот на МОТ за системи за управување со БЗР, со Европската рамковна директива за безбедност и здравје при работа (Директива 89/391 ЕЕЗ),

Придобивките од учеството на работниците и од двонасочното консултирање и информирање со нив вклучуваат:

  • Пониски стапки на несреќи, постигнување на поздраво и побезбедно работно место;
  • Економични решенија, намалување на трошоци за надоместок за боледување, рехабилитација, социјално осигурување, Превземени обврски кон повредените работници и нивните семејства, материјални штети на средствата за работа, обука на новиот работник времето потребно за негово приспособување на работата, Казни и пенали, Судски постапки, Останати издатоци и слично, во случај на несреќа;
  • Посреќна и попродуктивна, помотивирана работна сила, пониски стапки на отсуство, поголема соработка/доверба во заедничко решавање на проблемите, позитивни работни и меѓучовечки односи.
  • Поголема свест  за ризиците на работното  место  и  посветеност  затоа што работниците кои се активно вклучени во тоа, односно како се донесуваат одлуките за здравје и безбедност при работа, ќе разберат подобро и полесно ќе донесуваат одлуки. Посилна заложба за спроведување на одлуките или активностите;
  • Поголема контрола на ризиците на работното место, подобри одлуки за безбедност и здравје – кои се базираат на искуството на вработените.
  • Ова во пракса значи активно учество од страна на вработените и менаџерите, во идентификување на проблеми и пронаоѓање на решенија, односно:
    • Ефективен и отворен дијалог, кој вклучува реално слушање едни со други за работите од заеднички интерес;
    • Заедничко решавање на проблемите и донесување на решенија;
    • Учество во развојот на  политиките и практиките за безбедност и здравје, во промоција и остварување на условите за БЗР;
    • Представување на  претпоставените на сопствените видувања и мерките за управување, намалување или потполна елиминација на стресогените фактори (технолошки, мотивациони, едукациони и др.мерки).

Работодавачот може да се консултира со вработените директно или преку нивни избран/и претставник/ци. Консултација може да биде во форма на:

  • редовни состаноци на персоналот и комуникација со вработените
  • редовно ажурирање на информациите на информативни плочки и екрани редовни обуки
  • редовна писмена комуникација како што се билтени и внатрешна публикации, e-mail, интранет или интернет сајт

Информирањето и консултирањето може да е преку помалку формални системи како што се лице-в-лице дискусиите, разговори или периодични состаноци за конкретни проблеми, или формален систем т.е.постојат ефективни договори/консултации, вклучување на соодветен број на претставници на работниците за БЗР и други претставници на работниците, како и комитети за безбедност.

Заради ефективно и ефикасно двонасочно информирање и консултирање, мора да се земат во предвид механизмите за добивање на повратни информации за прашања од областа на БЗР кои треба да се документирани. Може да се користат: "предлози кутии" или поформални отворени состаноци со раководството; состаноци кои се предлагаат и одржуваат на барање на вработените и кои може да бидат предводени од нив; одлуките за БЗР  да се носат заедно помеѓу раководителите  и работниците; да се практикуваат квартални писмени и/или вербални повратни информации до сите вработени и др.

Со цел да се добие слика кој е најдобриот/најсоодветниот начин за примената на законската одредба за консултирање и информирање во Република Македонија, направивме избор на неколку правни субјекти кои се со различна приоритена дејност на делување (текстилно производство, комунални услуги, банкарски услуги, рударски и преработувачки услуги, комерцијални услуги) и со различен ранг по големина, во кои е спроведена анкета, преку доставување на писмени прашалници до вработени на различни работни места.

Писмениот прашалник се состои од единаесет прашања. На прашањата одговорите се дава преку избор на понудени одговори, и преку писмено дополнување на сопствени предлози и ставови. Анкетата е спроведена во период од три месеци и тоа јули – септември 2015 година. Во истражувањето беа вклучени вкупно 162 испитаници, од кои 55,6% се мажи а 44,4% се жени. Просечната возрсат на испитаниците е 42,8 години, а просечниот работен стаж е 14,8 години.

2.  ПРИКАЗ НА ДОБИЕНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ОД СПРОВЕДЕНАТА АНКЕТА:

1.   На прашањето:

“Дали сметате дека треба да сте консултирани, информирани и вклучени во изработката на инструкции, процедури, политики за БЗР, во изборот на средствата и опремата за работа, во процесот на изработката на проценка на ризик на Вашето работно место, при планирањето на промени и пред конечно донесување мерки и сл?“

со ДА одговориле 93,8% од испитаниците, а со НЕ одговориле 6,2% испитаници.

2.  Дали знаат дека

“Консултацијата и информирањето е законска обврска на работодавачот“,

со ДА одговориле 94,4% испитаници, а со НЕ одговориле 5,6% испитаници.

3.   “Дали сметате дека преку спроведување на “консултирање и информирање“ на работниците, истите се охрабруваат во давањето на предлози и идеи за подобрување на БЗР, во пријавувањето на опасностите /штетносите како и ризиците во работната средина и  на работното место",  односно

“Дали “комуникацијата и информирањето“ на работниците допринесува до нивно мотивирање “активно“ да учествуваат во обезбедувањето на добра безбедност и здравје при работа?“

со ДА одговориле 98,8% од испитаниците, а со НЕ одговориле 1,2% од испитаници.

4.   Дали сметате дека 

“Преку  консултирање и информирање на работниците, истите се едуцираат да ги разберат општите принципи на превенција, нивната примена и развивање на мерките за БЗР“

со ДА одговориле 98,8% испитаници, а со НЕ – 1,2% испитаници.

5.   На прашањето

“Дали сметате дека ако се спроведува навремено двонасочно консултирање и информирање, истото ќе има позитивно влијание на превенцијата од повреди на работа, болести во врска со работата и професионални заболувања, намалување стресот на работното место?“

со ДА одговориле 98,8% испитаници, а со НЕ одговориле 1,2% испитаници.

6.   На прашањето

“Што подразбирате под "вклучување на работникот“ во двонасочниот процес на консултирање и информирање?“

од испитаниците се побара да дадат кратко објаснување, при што даваме осврт на дадените одговори:

“Поголема  информираност, обука на  работниците  а  со  тоа  намалување на професионалните заболувања, превенција на стрес, повреди“,

“Директно учество на работниците во отстранување на проблемите за БЗР, тимско работење и навремено информирање за тековните настани“,

“Работниците да добиваат информација за ризикот при работата и заштита од истиот, а потоа тие да кажуваат за ризиците со кои се сретнуваат при работата и да предлагаат како да се заштитат од истите

"Да учествуваат работниците  при носење  на одлуки  за  набавка на ЛЗО и други средства“,

"Информирање за сите случувања, за новостите и законските одредби за БЗР"

“Да биде вистински вклучен а не само на хартија и да се земат во предвид и да се реализираат предлозите од страна на работниците заради подобрување на условите“,

“Да се слушне/уважи мислењето на работникот пред носење на конечните решенија, а не само да биде нем слушател, се со цел зголемување на безбедноста“,

“Да се решаваат работите без да има поселдици кон самиот работник“,

“Работникот директно да биде вклучен во дијалогот или информирањето и да добива повратни информации за усвоените решенија“,

“Помош при формирањето на правилата за заштита на фирмата“,

“Почести средби со вработените (барем еднаш годишно), дискусија за сите работи и зголемена комуникација на повеќе лица а не само да држи говор одговорното лице“.

7.  На прашањето:

“Кој според Вас е најдобар начин за Ваше активно учество во двонасочниот процес на “консултирање и информирање“ или на кој начин би ги адресирале Вашите предлози или поплаки до претпоставените?“,

беа понудени повеќе одговори, со можност да наведат и повеќе од нив и да дополнат. При тоа до секој од понудените одговори е даден добиениот резултат.

Испитаници

А. Преку лично учество

44

Б. Преку избран претставник на работниците за безбедност и здравје

при работа

66

В. Преку синдикалниот претставник или претставник на

работниците

19

Г. Преку стручното лице за БЗР

46

Д. Преку одбор на ниво на правниот субјект составен од

претставници на работниците и работодавачот

6

Ѓ. Други (Наведете):“Преку собири на работници по одделенија со

стручното лице за БР“

8.  И на прашањето:

“Кој според Вас е најдобриот начин да бидете консултирани

за работи поврзани со БЗР“,

беа понудени повеќе одговори, со можност да наведат и повеќе од нив и да дополнат.

До секој од понудените одговори е даден добиениот резултат.

Испитаници

А. Спроведување на анкети/прашалници

33

Б. Одржување на годишни/ полугодишни/ квартални/ месечни/

неделни/ дневни состаноци (59 испитаници не се изјасниле за периодицитетот на состаноците, 5 сметаат дека е добро да се одржуваат на годино, по 6 на полугодишно и квартално, 17 на месечно и 10 на неделно ниво)

105

В. Сандаче за предлози и поплаки

24

Д. Други (Наведете):

0

9.   На прашањето: “Кој според Вас е најдобриот начин да бидете информирани за работи поврзани со БЗР“, добиени се следните резултати:

Испитаници

А. Директна комуникација со одговорните

87

Б. Достава на прирачници, писмени упатства

34

В. Преку интерно списание/билтени/летоци

4

Г. Огласна табла односно табла за информирање поставена на

фреквентно место

21

Д. Постери/Шеми во бои

3


Ѓ. Преку директна пошта/ е-маил/интранет/интерни web портали

8

Е. Видео спотови/Кратки тематски филмови/Power Point

презентации

4

Ж. Почести специјализирани/наменски обуки

11

З. Други (Наведете)

0

10. На прашањето:

“Дали сметате дека треба да се воведе систем на награда и казна за унапредување и контрола на системот за БЗР?,

со ДА одговориле 74,17% испитаници, а со НЕ одговориле 25,9% испитаници.

Ваши предлози: “Казни заради не носење на ЛЗО“, “Награди заради примена на БЗР мерки и подобро извршување на работните задачи“.

11. “Дали до сега сте земале активно учество во давање предлози за надминување на БЗР проблеми, подобрување на работата и работните услови?“, со ДА одговориле 33,3% испитаници, а со НЕ одговориле 66,7% од испитаниците.

Доколку одговорот е ДА, наведете го Вашето искуство:

Доколку   одговорот е НЕ, која е причината:

“При избор на ЛЗО“,

“Како претставник на синдикат“,

“Да, ама не беа прифатени“,

“Никој не побарал мислење од мене“,

“Мојата пасивност во тој поглед“,

“Немало потреба“,

“Јас сум административен работник“,

“Не бидејќи на најдобар начин тоа го прави сосодветната служба“,

“Не сум имал можност“,

“Има други одговорни“,

3.  АНАЛИЗА НА ДОБИЕНИТЕ РЕЗУЛТАТИ И ЗАКЛУЧОК

Добиените резултати од спроведената анкета покажаа дека најголем број од испитаниците сметаат дека треба да се консултирани, информирани и вклучени во планирањето и донесувањето на БЗР мерки, знаат дека нивното консултирање и информирање од страна на работодавачот е законска обврска, дека на тој начин истите се охрабруваат да земаат активно учество во давање на БЗР предлози и решенија, како и дека двонасочното консултирање и информирање има позитивно влијание на превенцијата од повреди на работа, болести во врска со работата и професионални заболувања, намалување стресот на работното место. Генерално под директно “вклучување на работниците“ подразбираат нивно учество и информирање во делот на БЗР и земање во предвид на нивните предлози за превенција и тоа преку избран претставник на работниците за БЗР. Според испитаниците најдобриот начин да бидат консултирани во пракса е преку одржување на состаноци за БЗР, а информирани директно преку одговорните. Според поголемиот дел од испитаниците воведувањето на систем на награда и казна е добар начин за унапредување на БЗР.

Повеќето испитаници се изјасниле дека досега немаат земено активно  учество  во давање на предлози за надминување на БЗР проблеми, подобрување на работата и работните услови, па оттука сметаме дека спроведувањето на двонасочна комуникација на работодавачите со вработените и нивно консултирање и информирање во доменот на БЗР, а преку горенаведените избрани начини ќе доведе до промена на фактичката состојба, а со тоа и до примена на позитивна пракса во насока на превенција на настанување на несреќи при работа, подигање на свеста за култура на безбедно работење на сите заинтересирани вклучени страни, како и превенција на стресот на работното место кој е индиректен причинител за настанување на истите и котира  високо на  скалата  на  БЗР проблеми  за  кои  неопходно е навремено да  се изнаоѓаат решенија.

Тргнувајќи од личната одговорност секој од нас треба да се запраша што може да направи за создавање на безбедни услови на работното место и да допринесе да со гордост може да се каже дека свесноста и културата на безбедно работење е на високо ниво.

Компаниите кои нудат отворена врата кон вклучување на работниците во детекција на проблемите и изнаоѓање на решенија со земање во предвид на нивните идеи, најверојатно, ќе бидат поуспешни во ефикасно управување со безбедноста и здравјето.

4.  КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

[1]    Directive 2002/14/EC - informing and consulting employees

[2]    Закон за безбедност и здравје при работа на Република Македонија

[3]    Европската рамковна директива за безбедност и здравје при работа Директива 391/89

[4]    Учество на работниците во безбедноста и здравјето при работа – практичен водич на Европската Агенција за БЗР

[5]    Конвенцијата на МОТ за безбедност и здравје при работа, 1981 (бр.155), нејзината придружна препорака (бр.164), со Водичот на МОТ за системи за управување со БЗР

[6]    Osnovni principi na zdravje I bezbednost pri rabota, Benxamin Ali [7]      www.uws.edu.au/…Consultation_Methods_fact_sheet.pdf

[8]    http://www.safework.sa.gov.au/uploaded_files/CoPWorkHealthSafetyConsultationCoo

perationCoordination.pdf

[9]    http://www.healthandsafetyworksni.gov.uk/consulting_workers.pdf

[10] www.hse.gov.uk/pubns/indg232.pdf

[11] www.hse.gov.uk/pubns/indg36.pdf

[12] www.acas.org.uk/index.aspx?articleid=675

[13] www.internationalworkplace.com/consulting

[14] www.labour.gc.ca/eng/health_safety    

Contributors

Milan Petkovski
OSH: 
NACE: