Опасни супстанции (хемиски и биолошки)

From OSHWiki
Jump to: navigation, search


Вовед

Во оваа статија е даден општ преглед на професионалната изложеност на опасни супстанции. Обезбедува дефиниции, вовед во релевантното законодавство на Европската Унија и основни информации за тоа како да се идентификуваат и да се управува со ризиците поврзани со опасни супстанции на работното место. Во статијата е даден преглед за почетници и патокази до дополнителни информации.

Позадина

Многу занимања ја вклучуваат употребата, или генерацијата на супстанци кои можат да бидат штетни за луѓето (погледнете ги следниве статии: надразнувачи, професионални алергени, канцерогени, мутагени, репротоксични супстанции, репродуктивни ефекти предизвикани од хемиски и биолошки агенси. Спектарот на ефектите врз здравјето се движи од релативно благи, како што се иритација на очите, до сериозни болести како што е ракот.

Несаканите/неповолните ефекти може да се случат како резултат на една епизода на висока изложеност или одржлива нискостепена долгорочна изложеност. Работниците можат да бидат изложени долги години на опасни нивоа на супстанциите кои предизвикуваат некои од најсериозните здравствени ефекти, како што се ракот и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), без да заболат од некоја конкретна болест. До моментот кога сепак ќе се појават симптомите, неповратната штета е веќе причинета.

Опасни супстанци можат да бидат гасови, течности или цврсти материи. Тие можат да бидат од хемиска или биолошка природа. Понекогаш може да биде очигледно дека постои потенцијал за опасни супстанци. Меѓутоа, не е секогаш таков случајот. Некои, навидум безопасни супстанци, како брашнарска прашина може да предизвикаат штета преку професионална изложеност. Опасни нивоа на штетни бактерии може да бидат присутни во навидум нормални секојдневни предмети.

Повеќе од јасно е дека е многу важно да се врши соодветна контрола на изложеноста на работникот на тие супстанци. Ова се потпира на постигнување и одржување соодветна контрола на изложеноста и бара одреден степен на компетентност и експертиза. Во зависност од комплексноста на ситуацијата, можеби ќе бидат потребни специјални вештитни на професионалниот хигиеничар. Со правилната употреба на контролите на изложеност, работата може да се изврши дури и при високо токсични супстанци без ризик по здравјето на работниците.

Мора да се запомне дека во прилог на здравствените ефекти, многу супстанци исто така имаат и други опасности како запалливост, кои се поврзани со нив. Ова треба да се земе предвид при дизајнирањето на стратегијата за управување со ризици. Важно е дека сите безбедносни и здравствени ризици поврзани со опасни материи се соодветно контролирани.

Каде се појавуваат опасни супстанци?

Опасните супстанци може да се појават во широк спектар на занимања. Истите вклучуваат:

  • Примарна екстракција како: рударство, каменоломи, нафта и дупчење за гас. Овие индустрии може да го носат ризикот од изложување на минерали (пр. респирабилен кристален силициум), процесни хемикалии (лубриканти и кал за дупчење) и други супстанци кои се генерираат при процесите (види подолу).
  • Производствените индустрии, вклучувајќи го и производството на храна, може да го носат ризикот од изложеност на опасни процесни хемикалии (пр. изоцијанати, растворувачи) и крајни продукти како бои и мазива/лубриканти.
  • Фармерството може да го носи ризикот од изложување на пестициди, органски прав и био-аеросоли.
  • Услужни индустрии – опасните супстанци може да вклучуваат производи за чистење[1], азбест, био-аеросоли и процесни хемикалии, како што се одстранувачи на боја и лепила.
  • Работниците во здравствениот сектор се потенцијално изложени на биолошки опасни супстанци, лекови и средства за дезинфекција.
  • Градежништвото вклучува широк спектар на активности, од кои многу имаат потенцијал за изложеност на опасни супстанци. Тие вклучуваат минерални прашини, бои и лепила. Активностите на реновирање и уривање може да претставуваат дополнителен ризик од изложеност на азбест.
  • Рециклирање – постои низа на опасни материјали, вклучувајќи прав, токсични метали и биохазарди присутни во разновидниот и растечки спектар на активности кои се појавуваат во оваа индустрија.

Оваа листа на индустрии не е сеопфатна, бидејќи постојат ризици во многу други индустрии. Потребна е темелна проценка на ризиците за да се овозможи идентификација на секој потенцијал за изложеност, како и развој на ефективна стратегија за контрола на изложеноста.

Како доаѓа до изложеност на опасни супстанци?

Најчест случај на изложеност е вдишувањето, односно дишење воздух загаден со опасни супстанци. Ова е често и најзначајниот пат. Постојат неколку начини на кои опасните супстанци може да станат преносливи преку воздух. Испарливите нестабилни течности имаат природна тенденција да генерираат високо нивоа на пареа, дури и кога се ракува на собна температура. Примената на бои со солвентна база (растворувач) во лошо проветрени простори може да предизвика поспаност, вртоглавица и гадење при високи нивоа на испарувањата на растворувачот, кои влијаат на нервниот систем. Секоја течност ќе генерира високи нивоа на пареа, доколку процесот вклучува топлина, бидејќи нивоата на пареа ќе се зголемуваат со покачување на температурата. Дури и слабо испарливите супстанци може да станат преносливи преку воздух, при високи концентрации во форма на аеросол, како резултат од примена на спреј или високо енергетски процеси, како што е обработка на металните компоненти со течни разладувачи.

Цврстите материјали ќе станат преносливи преку воздух, ако се наоѓаат во фина разложена состојба (пулверизирани). Генерално, колку е пофино разложен цврстиот материјал, толку повеќе ќе биде правлив, и толку поверојатно ќе стане пренослив преку воздух. Механичката абразија (дупчење, брусење и др.) може да генерира честички низ воздухот од делови од цврстите материјали, како што можат и процесите кои инволвираат екстремна топлина, како заварување и автогено сечење.

Дермалната изложеност (на кожата), исто така, може да доведе до повреди, било како резултат од непосредни ефекти врз кожата, или од хемикалиите кои се апсорбираат преку кожата во телото. Изложеност на кожата најчесто се јавува како резултат на директно ракување со контаминирани предмети и површини, директно потопување на рацете (или други делови од телото) во процесните течности или со прскање или таложење на аеросоли.

Изложеност на голтање може да се случи преку трансфер од рака во уста или како резултат на јадење, пиење, пушење или примена на козметички производи или лекови во контаминирани простори.

Важно е да се запамети дека потенцијалот за изложеност не е ограничен само на оперативни работници вклучени во процесот. Значителна изложеност може да се случи и на работници кои чистат, особено оние кои користат методи на суво метење, како и на работниците за одржување кои често извршуваат не-рутински активности, а контролите на изложеност кои се користат при рутинско производство често не нудат никаква заштита.[2] [3]

Практиките кои го причинуваат ширењето на контаминацијата вон производствените простори, како што е складирање на процесен материјал, или ја земаат контаминираната облека дома на перење, можат да доведат до штетна изложеност на луѓе кои не се директно вклучени во работниот процес.

Идентификација на опасност

Заедно со производите кои содржат опасни супстанци треба да бидат приложени доволно информации за да му овозможат на корисникот да ги идентификува опасностите поврзани со материјалот. Во рамките на Европската Унија, приложените информации треба да бидат во согласност со Регулативата ЕС 1272/2008 (класификација, етикетирање и пакување на супстанци и смеси)[4]. Релевантните информации треба да бидат истакнати на лист со безбедносни податоци кој се добива или кога се набавуваат хемиските супстанци или се бесплатно достапни на интернет. Прописите ЦЛП (CLP) ја дефинираат листата на стандардизирани „изјави на опасност“ заедно со пиктограми кои ги претставуваат изјавите за опасност и кои треба да се истакнати на пакувањето. За некои супстанци, на пример козметички средства, некои животински прехранбени продукти и лекови, може и да нема приложена листа на безбедносни податоци. Ова не значи дека тие се безопасни, а корисниците треба да ги добијат релевантните информации за да извршат проценка на ризиците, и на тој начин безбедно да ги користат производите.

Загадувачи генерирани од процесирање

Многу индустриски процеси создаваат загадувачи кои можат да бидат штетни за здравјето. Истите може да бидат генерирани преку согорување, механичка абразија (чистење со песок/пескарање, брусење, сечење) или други процеси кои физички или хемиски го разградуваат почетниот материјал. Загадувачите кои се генерираат од процесите понекогаш тешко се идентификуваат, а често не е приложен листот со податоци за безбедноста за да помогне во процесот на проценка на ризикот. Општите загадувачи генерирани од процесирање на контаминирани материи ги вклучуваат:

  • Издувниот чад од дизел моторите поинаку е познат како емисија на издувни гасови од дизел мотори (DEEE). Тие содржат комплексна смеша од гасови и честички од материјали. Многу од индивидуалните компоненти имаат своја специфична токсичност, а некои имаат однапред определено ограничување на изложеност. Издувните гасови од дизел мотори се класифицирани како човечки канцерогени супстанци од страна на Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC).[5]
  • Вдишувачки (респирабилен) кристален силициум (RCS) е присутен во правот на многу општи материјали. Тој претставува посебен проблем во градежната индустрија каде што се одвиваат многу процеси кои генерираат RCS. Работните задачи кои вклучуваат употреба на тежок алат за сечење или мелење на цемент, тули или камени материјали може да генерираат високи нивоа на кристален силициум во воздухот. Изложеноста на RCS исто така се случува и при печење тули, режење камен, керамички работи и експлоатација на камен (каменолом). Неконтролираното изложување на RCS може да доведе до силикоза, сериозна неповратна болест на белите дробови. RCS е класифициран како канцероген од страна на IARC.[6]
  • Чад од заварување е смеша од отровни гасови и честички од материјалот. Составот на чадот е променлив и зависи од видот на заварувањето и од материјалот што се заварува. Поголемиот дел чад од заварување на металот се генерира од потрошувачот (прачката за заварување), отколку од супстратот/подлогата што се заварува. Информациите за составот на чадот треба да се прикажани на листот со безбедносни податоци приложен со потрошните материјали. Не’рѓосувачкиот челик, како и другите специјализирани легури кои содржат високи нивоа на хром, никел и манган, носат висок ризик. Металниот лак (прачка) за заварување генерира повеќе чад отколку другите техники, како што се MIG и TIG заварување. Иако заварувањето најчесто се користи за поврзување метали, другите материјали, како пластиката исто се заваруваат и овие процеси исто така може да генерираат токсичен чад кој мора да се контролира. Особено флуорополимерите (PTFE и тефлонски материјали) носат одредени ризици.
  • Дрвната прашина, што се генерира при пилење, брусење и други дрвопреработувачки процеси, носи голем број ризици по здравјето. Ова ја вклучува прашината од тврди и меки дрва, а исто така и композитните материјали, како што се лесонит со средна густина (MDF) и иверица, дрвни деланки што се користат за легла за добиток или во индустријата за хартија и пулпа, или за малч добиен од дрвни деланки. Дрвната прашина може да предизвика астма и е класифицирана од страна на IARC како канцерогена[7].
  • Биолошките опасности се присутни во многу ситуации каде што се ракува со органски материјал. Постојат ризици од животинскиот отпад во земјоделството, човечкото ткиво и други телесни течности во здравството и фрлената храна при третман и отстранување на отпад. Секогаш кога луѓето се во контакт при работа со природни или органски материјали, како земја, глина, растителни материјали (сено, слама, памук, итн.), супстанци од животинско потекло (волна, влакна, итн.), храна, органска прашина (на пример, брашно, прашина од хартија, животински првут), отпад, отпадни води, крв и други телесни течности, тие можат да бидат изложени на биолошки агенси[8]
  • Системите за складирање и за рециркулација на водата имаат потенцијал за загаденост од штетни нивоа на бактерии. Ова е особено точно каде што водата може да се загади со органски материјал (на пример течности од обработка на метали) или ако се работи за покачени температури (на пример разладни кули). Постојат сериозни ризици ако контаминираната вода стане пренослива преку воздух во облик на фини капки. Има многу случаи каде разладните кули биле загадени со бактериите легионела (Legionella) кои предизвикале појава на болест. Таквите епидемии може да влијаат на јавноста, како и на работниците и често предизвикуваат повеќекратни жртви.

Супстанците опишани погоре се дадени како примери, додека постојат многу други штетни процеси кои генерираат загадувачи. Темелната проценка на ризиците е од суштинско значење за да се идентификува потенцијалот за изложеност на овие материјали..

Релевантно законодавство

Постои сеопфатно законодавство на Европската унија (ЕУ) кое раководи со управувањето со ризиците поврзани со опасни супстанци. Ова е често поддржано од страна на националното законодавство во земјите членки. Основното релевантно законодавство на ЕУ како што е наведено во листата на Директиви се состои од:

  • Директивата за хемиски агенси (Директива на Советот 98/24/ЕС)[9] ги утврдува обврските на работодавачите во врска со контрола на ризиците поврзани со изложување на опасни материи. Тие вклучуваат обврски за изведување на проценки на ризик за идентификација и оценка на ризиците од изложување на опасни супстанци суштината и одговорностите за спроведување на соодветни превентивни мерки кои нудат адекватна контрола на изложеноста.
  • Директивата на Европскиот парламент 2000/54/ЕС – ги поставува специфичните барања кои се дизајнирани со цел да се гарантира подобар стандард на безбедноста и здравјето на работниците кои се изложени на биолошки агенси на работа[10].
  • Директивата за канцерогени и мутагени супстанци (Директива на ЕУ 2004/37/ЕС))[11] ги утврдува посебните услови за супстанци кои имаат потенцијал да предизвикаат рак или генетски мутации кај луѓе кои се изложени. Главен услов е да се најде не-канцерогена/мутагена алтернатива. Каде што тоа не е можно, во прописите се утврдени голем број на ефективни услови за контрола на изложеноста.
  • Професионалните ограничувања на изложеност (OELs) ги дефинираат максималните нивоа за изложеност на вдишување опасни супстанци [гранични вредности на професионална изложеност]. Разни видови на Професионални ограничувања на изложеност се утврдени од страна на Научниот комитет на Европската комисија за ограничувања на професионалната изложеност (SCOEL). Онаму каде земјите-членки имаат свои системи за утврдување и спроведување на Професионалните ограничувања на изложеност, тие треба да ги земат предвид оние Професионални ограничувања на изложеност поставени од SCOEL каде што тие постојат. Меѓутоа, постојат илјадници опасни супстанци во заедничка индустриска употреба. Професионалните ограничувања на изложеност се поставени за само еден мал дел од овие. Секогаш мора да се запомни дека отсуството на Професионални ограничувања на изложеност не значи дека не постојат здравствени ризици поврзани со одредена супстанца.[12][13][14]
  • Прописите за регистрација, евалуација, авторизација и ограничување на хемиските супстанци (REACH) (Регулатива на ЕУ бр.1907/2006) главно се насочени кон производителите и добавувачите на опасни супстанци, иако крајните корисници исто така имаат обврски во рамките на REACH. Според REACH, добавувачите на хемиски супстанци се обврзани да ги дефинираат сценаријата на употреба и да вршат контрола на изложеноста за да се овозможи материјалите што тие ги добавуваат да се користат без да се изложи на ризик здравјето на работниците. Постојат особено строги барања за одредени видови супстанци, главно канцерогени, мутагени и репротоксини (CMRS) и супстанци кои можат да имаат сериозни последици врз животната средина. Според REACH, тие се класифицирани како супстанци со многу висок степен за загриженост (SHVC) и прописите бараат да се поттикне замена на таквите материјали со помалку опасни алтернативи, каде што тоа е можно. Прописите се спроведуваат во неколку фази, во зависност од токсиколошките својства на одредена супстанца и со количините со кои ракува во рамките на Европската Унија. Прописите ќе бидат целосно спроведени до 2018 година. Неколку класи на материјали се извадени од REACH, вклучувајќи храна, природни материјали како што се минерали, медицински производи и одредени групи на пестициди. Европската агенција за хемикалии (ECHA) која има целосна одговорност за спроведување на REACH, работи во соработка со „надлежните органи“ во поединечни земји членки.
  • Прописите за класификација, етикетирање и пакување на супстанци и смеси (Регулатива на ЕС 1272/2008)[4] ја специфицира употребата на меѓународно договорените критериуми за класификација и етикети за да комуницира релевантни информации за хемиските опасности по здравјето.

Основно управување со здравствените ризици

Проценка на ризик на работното место

Процесот на проценка на ризик на работното место е суштински елемент за ефективно управување со професионалните ризици, и се однесува кон опасните материи на ист начин како што го прави за другите ризици за БЗР. Проценката на ризик на работното место не е ништо повеќе од еден внимателен преглед на она што може да предизвика штета на вработените на работното место, а на тој начин работодавачите ќе можат да проценат дали е потребно да се спречат луѓето од добивање повреди или болести. Важно е проценката на ризикот на работното место да ја спроведува стручно лице, а за ситуациите кои вклучуваат опасни супстанци можеби ќе има потреба од стручност на професионален хигиеничар. Процесот на проценка на ризик на работното место може да се сумира во следниве чекори:

  • Идентификување на опасности. Правење попис на опасните супстанци што се користат на работното место и оние кои се генерирани од страна на работните процеси. Ова треба да вклучува суровини, меѓу-производи и крајни производи, и супстанци генерирани при процесирање.
  • Проценка кои вработени би можеле да бидат изложени, како тие можеле да бидат изложени и до кој степени. Ова треба да ги вклучува работниците кои се директно вклучени во процесот, како и другите работници. Посебно внимание треба да се посвети на групите работници кои можат да бидат изложени на зголемен ризик на пример, млади работници, бремени жени и доилки, работници мигранти, необучени или неискусни кадри, чистачи, изведувачи и членовите на јавноста кои можат да бидат изложени како резултат на работната активност.

Ова не само што треба да го вклучи ракувањето, туку и задачите за транспорт, управување со отпад и складирање. Треба да се земе предвид комбинираната изложеност на супстанци и комбинираните ефекти (ризици од пожар во близина на запаливи материи, тешка физичка работа што може да го зголеми навлегувањето на хемиски супстанци, работа во влажни услови што може да го зголеми ефектот на хемиските супстанци на кожата, работа во ограничени простори или под одредени климатски услови).

  • Проценка дали се користат канцерогени или мутагени супстанци за кои се применуваат построги правила.
  • Евиденција на резултатите и спроведување. Треба точно и јасно да се определи кој е одговорен, и каде и како треба да се направи тоа, како и да се осигури дека работниците се правилно обучени за да знаат како да се заштитат и да знаат кому да рапортираат за секој инцидент или здравствен проблем. Проценката на ризик на работното место треба да биде документирана.
  • Работните места се менуваат, а работите може да одат наопаку. Прегледајте ја вашата проценка и ажурирајте ја доколку е тоа потребно. Следете ја состојбата редовно, оценувајте ја ефикасноста на превентивните мерки, истражувајте го секој инцидент, поплаки од работниците или здравствени проблеми, и направете ревизија на проценката на ризик на работното место кога има промени во процедурите на работа, кога се воведуваат нови хемикалии или кога се усвојуваат нови процеси. При разгледување на проценките, треба да се разгледаат сите нови информации. Ова може да се однесува на новите наоди на токсичност, резултатите од студиите на следење на изложеноста, или било какви докази за болест/лошо здравје на изложените работници. Работниците треба да бидат вклучени во процесот на ревизија за да се оцени секое практично прашање поврзано со правилната употреба на предвидената контрола на изложеноста.

Хиерархија на контрола

Хиерархијата на контрола се дефинира, по префериран редослед, како пристап кон изборот на контроли на изложеност. Таа ги зема во предвид сигурноста на различни контролни пристапи, како и принципите на добра професионална хигиенска пракса. Истото е дефинирано во член 6.2 од Директивата за хемиски агенси[7].

Накратко, хиерархијата на контрола посочува дека вкупната елиминација на опасноста е преферираната опција, проследено со замена со помалку опасни материјали. Хиерархијата продолжува во листа на различни стручни, процедурални и РРЕ контролни решенија по редослед на доверливост, додека општиот принцип е да се постигне контрола на емисиите на изворот со избор на мерки поблиску до работникот, како што е личната заштитна опрема. Бројните, малку различни верзии на хиерархијата постојат, но сите ги следат истите основни принципи. Заеднички елемент е вклучувањето на принципот на STOP (замена на супстанца или процес, технички контроли, организациски мерки, опрема за лична заштита - РРЕ). Во реалноста, е необично што една контролна мерка ќе биде практична и ефикасна, и голем број контроли кои се користат во комбинација обично го нудат најдоброто решение.

Постои тенденција да се усвојат стратегии кои се потпираат на личната заштитна опрема при контрола на изложеноста на кожата. Ова не е точно. Стратегијата за управување со ризиците при дермална изложеност треба да ја следи истата филозофија како она за изложеност на вдишување[15]. Хиерархијата на контрола подеднакво се применува за сите правци на изложеност.

Валидација на контрола – повратни информации

Можеби ќе биде неопходно да се спроведе некоја форма на мерење за да се осигура дека контролите кои се применуваат обезбедуваат адекватна контрола на изложеноста. Најчесто ова се прави со проценување или мерење на изложеноста на работниците. Мерењето на изложеноста може да вклучи земање мостри од воздух или биолошки мониторинг.

Земање мостри од воздухот обично бара лично следење на релевантните работници[16]. Каде што се врши земање мостри од воздухот, потребно е да има референтни методи според кои ќе се споредуваат резултатите. Ако постојат формални лимити на изложеност при работа, истите треба да се применат. Сепак, за многу супстанци не постојат формални граници. Во вакви ситуации, ќе биде потребно да се развијат интерни гранични вредности за да се овозможи следење на резултатите од мониторинг на изложеноста да се постават во контекстот. Посложените техники на земање примерок од воздухот, вклучувајќи ја и употребата на визуелизација на изложеноста, може да бидат корисни алатки не само за проценување на изложеноста, но исто така и во намалување на изложеноста на возење.

Биолошки мониторинг најчесто се прави преку земање примерок од урина или крв, иако се достапни и други техники. Некои техники, како земање примерок од крв, се инвазивни и ова може да значи дека тие не се прифатливи за некои работници. Биолошкиот мониторинг може да понуди неколку предности во однос на земањето примероци од воздухот, вклучувајќи ги и трошоците, способноста да се измери вкупната изложеност во сите правци, и способноста да се процени ефикасноста на личната заштитна опрема. Меѓутоа, методите на биолошки мониторинг не се достапни за еден таков широк спектар на супстанци, како за земање на примероците од воздух, а тука се и проблемите на медицинска доверливост кои треба да се земат предвид.

Правилниот избор на соодветен пристап за мерење, и компетентност да се протолкуваат и да се дејствува соодветно на резултатите, може да биде надвор од способноста на општиот практичар за БЗР и може да бара специјализирани вештини за професионален хигиеничар. Резултатите од мониторингот на изложеноста секогаш треба да се споделуваат со релевантните работници, земајќи ги во предвид прашањата на доверливост. Резултатите од биолошкиот мониторинг треба да се споделуваат на 1 на 1 основа со поединечните учесници, освен ако тие се сложат за споделување на истите на пошироко ниво. Ако резултатите треба да се споделат пошироко, можеби ќе биде потребно да го направите ова во анонимен формат.

Одржување на контрола на изложеноста

Освен ако не може да се најде решение за контрола на изложеноста што целосно ќе го елиминира ризикот од изложеност на опасни супстанци, за сите контроли ќе биде потребно периодично одржување за да се осигура дека тие и понатаму нудат соодветна заштита.

Инжинерските/стручните контроли, како што е локалната издувна вентилација, бара периодични проверки за да се осигура дека истата и понатаму ќе продолжи да работи како што треба. Ова треба да вклучува дневна проверка и периодично темелно испитување и тестирање на системот, што треба да идентификува дека контролите функционираат во рамките на своите определени параметри и дека тие постигнуваат соодветна контрола на изложеноста. Ако овој тест посочува дека контролите не работат како што треба, тогаш треба да се преземат корективни мерки за решавање на истото и можеби ќе биде потребно да се спроведат привремени мерки, како на пример употреба на респираторна заштитна опрема, додека се постигне тоа. Темелното испитување и тестирање треба да бидат придружени со почести, помалку ригорозни привремени проверки и вклучувањето на звучен или визуелен аларм кој веднаш известува кога работата на ЛЕВ системите е надвор од определените параметри.

За личната заштитна опрема ќе биде неопходно одржување и замена. Контролите кои се потпираат на однесувањето на работникот, како што е усвојувањето на одредени работни практики, исто така ќе бара одржување во облик на надзор, ревизија и обука за обновување на знаењето.

Во сите случаи, работниците треба да бидат соодветно обучени за правилна употреба на контролите на изложеност. Ова е неопходно за да се овозможи контролите да ја постигнат и одржат нивната ефикасност. Периодичната обука за обновување на знаењето треба да биде дел од оваа стратегија.

Преглед

Опасните материи се јавуваат во многу форми на работното место и неконтролираната изложеност може да предизвика сериозна штета на работниците. Важно е да се постигне и да се одржи соодветна контрола на изложеноста. Менаџерите кои се одговорни за безбедноста и здравјето при работа треба да се осигураат дека поединците имаат соодветна обука и компетентност за да ги препознаат и контролираат опасните материи. Ако се двоумите, побарајте совет од компетентен, стручно квалификуван професионален хигиеничар.

Литература

  1. EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work, The occupational safety and health of cleaning workers, Literature Review, 2009. Available at: [1]
  2. EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work (28 Dec 2012). E fact 66, Maintenance and hazardous substances. Retrieved on 5 April 2013, from: [2]
  3. EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work, Safe maintenance in practice — Success factors, Summary of an Agency report, Fact sheet 96, 24 Nov 2010. Available at: [3]
  4. 4.0 4.1 Regulation (EC) No 1272/2008 of the European Parliament and of the Council of 16 December 2008 on classification, labelling and packaging of substances and mixtures, amending and repealing Directives 67/548/EEC and 1999/45/EC, and amending Regulation (EC) No 1907/2006, OJ L 353. Available at: [4]
  5. IARC - International Agency for Research of Cancer, Diesel engine exhaust carcinogenic, Press release N° 213, 12 June 2012. Available at: [5]
  6. IARC - International Agency for Research of Cancer, Monographs on the Evaluation of Carcinogenic Risks to Humans, Volume 68, Silica, last updated 05/20/97. Available at: [6]
  7. 7.0 7.1 IARC - International Agency for Research of Cancer, Monographs on the Evaluation of Carcinogenic Risks to Humans, Volume 62, Wood dust and formaldehyde, 1995. Available at: [7]
  8. EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work, Biological agents, Factsheet 41, 2003. Available at: [8]
  9. EC - European Commission, Council Directive 98/24/EC of 7 April 1998 on the protection of the health and safety of workers from the risks related to chemical agents at work (fourteenth individual Directive within the meaning of Article 16(1) of Directive 89/391/EEC). Available at: [9]
  10. Directive 2000/54/EC - biological agents at work of the European Parliament and of the Council of 18 September 2000 on the protection of workers from risks related to exposure to biological agents at work (seventh individual directive within the meaning of Article 16(1) of Directive 89/391/EEC), OJ L 262. Available at: [10]
  11. European Commission, Directive 2004/37/EC of the European Parliament and of the Council of 29 April 2004 on the protection of workers from the risks related to exposure to carcinogens or mutagens at work (Sixth individual Directive within the meaning of Article 16(1) of Council Directive 89/391/EEC), OJ L 2004 229/24. Available at: [11]
  12. European Commission Directive 2000/39/EC of 8 June 2000 establishing a first list of indicative occupational exposure limit values in implementation of Council Directive 98/24/EC on the protection of the health and safety of workers from the risks related to chemical agents at work, OJ L 2000 38/36. Available at: [12]
  13. European Commission Directive 2006/15/EC, Establishing a second list of indicative occupational exposure limit values in implementation of Council Directive 98/24/EC and amending directives 91/322/EEC and 2000/39/EC, OJ L 2006 38/36. Available at: [13]
  14. Comission Directive 2009/161/EU of 17 December 2009 establishing a third list of indicative occupational exposure limit values in implementation of Council Directive 98/24/EC and amending Commission Directive 2000/39/EC, OJ L 2009 338/87. Available at: [14]
  15. Sithamparanadarajah, R., Controlling skin exposure to chemicals and wet work, 2008.
  16. European Standard EN689 Workplace atmospheres, Guidance for the assessment by inhalation to chemical agents for comparison with limit values and measurement strategy, 1995. Available at: [15]

Линкови за натамошно читање

Bullock, W.H., Ignacio, J.S., A strategy for assessing and managing occupational exposures, AIHA, 1998.

Cherrie, J., Howie, R., Semple, S., Monitoring for health hazards at work, Wiley-Blackwell, Chichester, 4th edition, 2010.

EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work (no date). Dangerous Substances. Retrieved on 4 September 2013, from: [16]

EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work, Expert forecast on emerging biological risks related to occupational safety and health, 2007. Available at: [17]

EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work, Expert forecast on emerging chemical risks related to occupational safety and health, Report, 2009. Available at [18]

EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Dangerous substances and risk assessment, An European Campaign on Risk Assessment, a PPT presentation, no date. Available at: [19]

EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Skin diseases and dermal exposure: policy and practice overview, Report, 2008. Available at [20]

EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Cleaners and dangerous substances,E-fact 41, 2008. Available at: [21]

EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Preventing harm to cleaning workers, Factsheet 86, 2009. Available at [22]

EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Preventing harm to cleaning workers, Report, 2009. Available at: [23]

Gardner, K., Harrington, J.M. (eds), Occupational hygiene, Third edition, 2005. Available at: [24]

Harrington, J.M., Gill, F.S., Aw, T.C., Gardiner, K., Occupational Health, Brittish Occupational Hygiene Society, 2000.

Perkins, J.L. (ed.), Modern industrial hygiene (Volume 1). Recognition and Evaluation of Chemical Agents, 2nd edition, American Conference of Governmental and Industrial Hygenists, 2008.

Perkins, J.L. (eEd.)., Modern industrial hygiene (Volume 2). Biological aspects, American Conference of Governmental and Industrial Hygenists, 2003.

Perkins, J.L. (eEd.)., Modern industrial hygiene (volume 3). Control of chemical agents. American Conference of Governmental and Industrial Hygenists, 2012.

Contributors

Milan Petkovski, palmerk
OSH: 
NACE: