Општо за безбедност и здравје при работа (БЗР)

From OSHWiki
Jump to: navigation, search


Вовед

Работодавачите имаат обврска да ги обезбедат безбедноста и здравјето на своите вработени преку спречување на изложувањето на ризиците при работа, и на тој начин да се избегне појавувањето на несреќи при работа и професионални болести, кои се многу скапи и имаат тешки директни и индиректни последици врз животот на работниците. За да ја постигнат оваа цел, работодавачите треба да спроведат мерки за безбедност и здравје кои ќе се темелат на проценка на ризик и законите. Во рамките на Европската Заедница, оваа обврска беше пропишана со Директивата на Советот од 12 јуни 1989 година за воведување на мерки за поттикнување на подобрување на безбедноста и здравјето на работниците на работното место (Рамковна директива 89/391/ЕЕС)[1]. За реализација на оваа цел е потребна посветеност на работниците на принципите на безбедноста и здравјето при работа (БЗР).

Што значи безбедност и здравје при работа?

Закони за БЗР

Прописите на Европската Унија за БЗР потекнуваат од Европската Рамковна Директива 89/391/ЕЕС (Директива на Советот од 12 јуни 1989)[2] Намената на оваа Директива е да се воведат мерки кои ќе поттикнат подобрување на безбедноста и здравјето на работниците на работното место. Ги содржи општите принципи во поглед на превенција на ризиците при работа, т.е. превенција на небезбедни услови за работа. Треба да се забележи дека Директивата 89/391/ЕЕ ги поставува минимум стандардите, и дека земјите-членки може да воведат поригорозни одредби за заштита на своите работници. Рамковната Директива се применува во сите работни сектори, и јавни и приватни.

Компаниите имаат етичка и правна одговорност да обезбедат нивните работници, работниците на изведувачите кои работат на нивниот објект или било кое друго лице (на пример лицето кое ги посетува тие објекти), да бидат безбедни во секое време.

БЗР е мулти-дисциплинарна категорија

Безбедноста и здравјето при работа (БЗР) е интердисциплинарна активност која се занимава со превенција на професионалните ризици поврзани со секоја работна активност. Главната цел е поттикнување и одржување на највисокиот степен на безбедност и здравје при работа, значи создавање услови за да се избегне случувањето на несреќи при работа и болести. Постигнувањето на оваа посакувана состојба на безбедни работни услови подразбира дека работодавачите мора да извршуваат проценка на ризик на работното место во поглед на безбедноста и здравјето при работа, и мора да одлучуваат дали се потребни дејства и какви мерки за БЗР треба да се спроведат. Според податоците од Меѓународната организација на трудот, БЗР ги опфаќаат социјалната, менталната и физичката благосостојба на работниците, односно „целата личност“[3]. Според тоа, БЗР не е само избегнување на работните несреќи или професионални болести, туку е резултат на преземени акции за идентификување на нивните причини (постоечки опасности на работното место) и спроведување на соодветни превентивни контролни мерки за БЗР. За да се постигне ваквата цел, неопходна е интеракција со други научни области, како што се медицината на трудот, јавното здравство, индустрискиот инженеринг, ергономијата, хемијата и психологијата.

Основни концепти на БЗР

Некои клучни концепти на БЗР:

  • Опасност – извор, ситуација или чин со потенцијал за штета во смисла на човечка повреда или болест, или комбинација од истите[4], т.е. сето она што е присутно на работното место и коешто има потенцијал да предизвика повреда на работниците, несреќа при работа или професионално заболување.
  • Ризик – комбинација од веројатноста за појава на опасен настан или изложеност и сериозноста на повредата или болеста, коишто можат да бидат предизвикани од тој настан или изложеност[5].
  • Проценка на ризик на работното место – е процес на проценка на ризиците за безбедноста и здравјето на работниците од опасностите на работното место. Тоа е систематско испитување на сите работни аспекти кои ги земаат предвид:
    • причините за повредата или штетата
    • дали опасностите може да се елиминираат и, доколку не,
    • кои превентивни или заштитни мерки се поставени, или треба да бидат поставени, за контрола на ризиците[6].
  • Безбедност – многу е тешко да се дефинира. Безбедност е состојба да се биде “безбеден“ т.е. ослободен од штета или ризик, но во пракса ваквата состојба никогаш не се постигнува. Поради тоа, безбедноста треба да се третира како вредносна проценка во поглед на нивото на ризик од повредување што ќе се смета за прифатливо[7].
  • Здравје – поврзано со работата, посочува не само на отсуство на болест или слабост, туку ги вклучува и физичките и менталните елементи кои делуваат врз здравјето и кои се директно поврзани со безбедноста и хигиената при работа[8]
  • Професионална болест – болест која се добива како резултат од изложеност во текот на еден временски период на фактори на ризик (хемиски, физички или биолошки агенси) кои произлегуваат од работната активност[9], што претставува хронична болест која настанува како резултат од работата или професионалната активност. Обично тоа се идентификува кога ќе се покаже дека повеќе преовладува кај одредена група работници отколку кај општото население, или кај други работнички популации. Примерите за тоа вклучуваат респираторни болести (пр. азбестозис или професионална астма), болести на кожата, мускулно-скелетни заболувања (пр. синдром на карпален тунел) и рак предизвикан како последица од работењето.
  • Несреќа при работа – е непредвиден настан во текот на работата (дури и ако несреќата се случи надвор од зградата на компанијата или е предизвикана од трети лица), што доведува до физичка или ментална штета[10].
  • Превенција – сите чекори или мерки кои се преземени или планирани во сите фази на работата во претпријатието за да се спречат или намалат професионалните ризици[11].

Што се однесува до обемот, концептите на БЗР се применливи за секој вид работа, од градежништвото, земјоделството, производството, рударството, риболовот, па сè до трговијата, канцелариската работа, секторот на здравствена заштита, а исто така и работата на подизведувачи. Понатаму, за целите на БЗР, покрај периодот на работната активност, патувањето до и од местото на работа, исто така се смета како дел од работниот ден. Поради тоа, безбедното патување до и од работното место исто така е грижа на БЗР.

Управување со БЗР

Превенцијата како клучен концепт на управувањето со БЗР

Превенцијата е клучен концепт во БЗР. Всушност, превенцијата на несреќи при работа и на професионални болести мора да биде главна цел на секој систем за управување со БЗР, многу повеќе отколку обидите да се решаваат проблемите откако тие ќе настанат. Овој принцип стекнува сè поголема важност бидејќи организациите многу брзо се менуваат (поради глобализацијата, намалување на обемот на работата, привремена работа, работа со скратено работно време, работата на подизведувачите, стареење на работната сила...), што повикува на динамичен пристап кон БЗР[12]

Општите принципи за превенција на небезбедни работни услови утврдени со Рамковната директива постојано се обновуваат во ЕУ, а се развиваат понатаму и во други документи. На пример, во „Луксембуршката декларација за промоција на здравјето на работното место во Европската Унија“ се пропишани неколку принципи кои се насочени кон превенција на болести на работното место (вклучувајќи ги болестите поврзани со работата, несреќите, повредите, професионалните болести и стресот) и зголемување на потенцијалите за промоција/поттикнување на здравјето и благосостојбата на работната сила[13]. Таквите принципи се следниве:

  • Компаниски кодекси за однесување и упатства кои ги третираат вработените не само како трошковни фактори, туку и како важни фактори за успех;
  • Компаниски политики на култура и менаџмент кои го вклучуваат учеството на вработените и ги поттикнува да преземат одговорност;
  • Организација на работата што им овозможува на вработените да ги урамнотежат потребите од работата со нивните лични способности/вештини и да ја контролираат својата работа и социјалната поддршка;
  • Кадровски политики кои вградуваат здрави цели во сите области на компанијата;
  • Интегрирани услуги за безбедност и здравје при работа;
  • Вклучување на вработените во здравствените проблеми на сите нивоа (учество);
  • Систематско спроведување на сите мерки и програми (управување со проекти);
  • Поврзување на стратегиите за намалување на ризиците со развојот на безбедносни фактори и здравствени потенцијали (сеопфатен пристап).

Во поглед на горенаведените принципи и потребата од фокусирање на превенција на несреќи при работа и професионални болести, компаниите треба да имплементираат и интегрираат еден систем за управување со БЗР во нивниот систем на управување. Таквиот систем е наменет да ги развие и имплементира компаниските политики за БЗР и да ги управува своите ризици за БЗР[14]

Мерки за контрола и превенција

Како што веќе споменавме, проценката на ризиците во однос на безбедноста и здравјето при работа се извршува за да се одлучи за потребните дејства и за тоа каков вид мерки за БЗР треба да се спроведат на работните места. Таквите мерки за контрола на БЗР треба да се базираат на ажурирани технички и/или организациски познавања и добри практики. Имплементацијата на контролните мерки треба да се извршува со примена на следнава хиерархија[15]: (1) Превентивни мерки, (2) Заштитни мерки и (3) Мерки за ублажување. Во продолжение се опишани овие видови контролни мерки.

Превентивните мерки се насочени кон намалување на веројатноста за појава на работна несреќа или професионална болест. Може да постојат два вида превентивни мерки:

  • Инженерски или технички мерки – дизајнирани да делуваат директно на изворот на ризик со цел истиот да се отстрани, да се намали или замени;
  • Организациски или административни мерки – со цел да наведат на промена на однесувањата и ставовите и да промовираат култура на безбедност.

Мерките за заштита примарно треба да ги земат предвид колективните мерки, и доколку тие се сметаат за неизводливи или неефикасни, треба да ги земат предвид алтернативните индивидуални мерки. Поради тоа мерките за заштита ги опфаќаат:

  • колективните мерки – дизајнирани да го приложат или изолираат ризикот, на пример со употреба на физички бариери, организациски или административни мерки за намалување на времетраењето на изложеноста (ротација на работата, временскиот распоред на работата, знаци за безбедност), а потоа
  • индивидуалните мерки – секоја соодветна заштитна опрема за персоналот дизајнирана да го заштити работникот од резидуалните ризици.

Мерките за ублажување имаат за цел да ја намалат сериозноста на било кое оштетување на објектите и штета на вработените и јавноста. Неколку примери вклучуваат:

  • ургентен план;
  • план за евакуација;
  • системи за тревога (аларми, трепкачки светла);
  • тест на процедурите за вонредни состојби, тренинзи и вежби, систем за гасење пожар;
  • план за враќање на работа.

Проценка на ризик на работното место како клучна акција

Проценка на ризик на работното место ја сочинува основата за спроведување на соодветни контролни мерки. Според Рамковната Директива[16], проценка на ризик на работното место е почетниот и клучен чекор на процесот на управување со ризиците за БЗР.

Постојат неколку методи за извршување на проценка на ризик на работното место, почнувајќи од едноставни до комплексни методи и од вклучување на изолирани експерти до партиципативни методологии. Проценка на ризик на работното место вклучува проценка, рангирање и класифицирање на ризиците.

Небезбедни услови за работа може да резултираат од ризиците од работата или од ризиците од средината. Првиот тип го добива фокусот на „Безбедност при работа“, чија цел е превенција на несреќите при работа. Во Табела 1 се прикажани неколку примери на работни ситуации кои може да сочинуваат една опасност која може да доведе до работни несреќи[17]

Табела 1. Примери на опасности кои можат да доведат до работни несреќи

Опасност
Сродна опрема за работа:
  • необезбедени машини
  • паѓање на делови од машините или материјали
  • одење по влажен или лизгав под
  • машини или возила во движење
  • работење на скала
Сродни работни практики:
  • кревање на тешки предмети
  • работа на височина
  • влез и работа во затворени простори
  • задачи кои вклучуваат незгодни движења/пози
Сродни работни практики:
  • електрична опрема со лоша изолација
  • надземни електрични водови

Извор:[18]

Со вториот тип се занимава рубриката „Здравјето при работа“, чија цел е превенција на професионалните болести и болестите поврзани со работата. Во Табела 2 се прикажани неколку примери на работни ситуации кои можат да доведат до болест[19]. Постојат и други цели, кои не се специфични на било кој од овие пристапи, а кои вклучуваат социјална заштита на одредени групи на ранливи работници и регулирање на работното време. Поради тоа, резултатите од проценка на ризик на работното место се користат за одлучување за потребата од спроведување безбедносни и здравствени контролни мерки и како помош во утврдувањето кој тип на мерки ќе бидат поефикасни, за одредениот контекст на работното место.

Табела 2 – Примери на опасности кои можат да доведат до лошо здравје (болест)

Опасност

Ракување со опасни хемиски супстанции (течности, цврсти материи, прашини, чад, испарувања и гасови):
  • недостаток на кислород
  • инхалирање, голтање и апсорпција преку кожа на материјал опасен за здравјето
Несоодветни ергономски услови
  • незгодни движена на телото или пози
  • долги периоди на стоење
  • брза работа
  • лошо седење
  • повторливи задачи
  • недоволен период за одмор
Изложеност на физички агенси
  • бучава
  • механички вибрации
  • екстремни температури
  • електромагнетно зрачење (икс зраци, јонизирачко зрачење, ...)
  • несоодветно осветление
Психо-социјални опасни ситуации [12]
  • содржина на работата
  • несигурност на работата
  • изолација
  • насилничко однесување
  • малтретирање
Изложеност на биолошки агенси
  • вирус
  • бактерии
  • фунги/габи

[20]

Во услови на периодичност, препорачливо е редовно да се спроведува проценка на ризик на работното место и кога се воведува некоја промена на работното место, на пример поради воведување на нови материјали, хемиски супстанци, алати, опрема или процедури.

Свест и учество на работникот во БЗР

Освен што е законска обврска во Европската Унија, обезбедувањето информации и курсеви за обука за работниците е важно за секоја програма за БЗР бидејќи придонесуваат да се подигне свеста за БЗР, овозможувајќи рано препознавање на:

  • опасните работни ситуации;
  • симптомите и знаците на секоја професионална болест;
  • ризиците на кои тие можат да бидат изложени.

Комуникацијата мора да биде приоритет во управувањето со БЗР. Менаџментот мора да биде ангажиран во комуникацијата со работниците во работилницата.

Свеста и учеството на работниците во БЗР придонесуваат за подобра безбедност и здравје во работната средина. Всушност, покрај улогата на силна посветеност на менаџментот (работодавачите), вклучувањето и учеството на работниците се исто така важни за успешно спроведување на програмата за БЗР.

Работодавачите треба да се консултираат со работниците и/или нивните претставници и да им дозволат да земат учество во дискусиите за сите прашања во врска со БЗР на работното место. Акциите кои произлегуваат од таквото учество може да се фокусираат, на пример, на прилагодување на работата на индивидуата, особено во поглед на дизајнот на работните места, изборот на работна опрема или методите за работа и производство. Придонесот на работниците може да биде од голема помош при наоѓање решенија, имено, при модифицирање/прилагодување/менување на несоодветни работни услови (пр. монотона работа, работење со претходно утврден работен ритам) и намалување на нивното влијание врз здравјето[21]

Трошоци за несреќите при работа и професионалните болести

Постојат повеќе причини (правни, економски, финансиски, етички и социјално одговорни) кои можат да бидат многу важни тригери за посветувањето на компаниите на БЗР.

Трошоците кои се поврзани со спроведувањето на соодветни контролни мерки за БЗР мора да се третираат како инвестиција, а не како трошок. Со тоа што БЗР може да го поттикнат намалувањето на работните несреќи и болести исто така можат да го намалат ризикот од обврски и изостаноци, значи придонесува за намалување на трошоците (медицинска нега, боледување и трошоци за инвалидски придонеси) и можност за прекин на производните процеси.

Според EU-OSHA, на секои неколку минути некој во Европската Унија умира од причина поврзана со работата[22]. Понатаму, секоја година 4.9 милиони несреќни случаи резултираат со 3-дневно или повеќедневно отсуство на работниците од работа. Други клучни факти[23]:

  • Мажите доживуваат повеќе несреќи отколку жените.
  • Младите работници имаат многу повисока стапка на несреќи отколку другите старосни групи; постарите работници имаат повеќе фатални несреќи.
  • Стапката на несреќи е повисока кај малите и средни претпријатија.
  • Стапката на несреќи е повисока во некои сектори, вклучувајќи ги земјоделството и градежништвото.
  • Несреќите кои се случуваат ноќе имаат тенденција да бидат повеќе фатални отколку оние кои се случуваат во други периоди од денот.
  • Раните и површинските повреди се најчестиот тип на повреда.
  • Работниците кои работат во смени имаат повисока стапка на несреќи.

Трошоците за работни несреќи и професионални болести се движат кај повеќето земји од 2.6 до 3.8% од Бруто националниот производ[24].

Несреќите поврзани со работата и професионалните болести претставуваат огромен трошок за компаниите и исто така огромен трошок во поглед на човечко страдање на жртвите и нивните семејства. Овие трошоци кои може да се класифицираат како директни и индиректни трошоци истовремено важат и за работниците и за работодавачите. Во Табела 3 се прикажани примери на такви трошоци[25] [26].

Директни трошоци Индиректни трошоци
Трошоци за работниците
  • Болка и страдање од повреда или болест
  • Ментално страдање
  • Загуба на приход
  • Можна загуба на работата
  • Трошоци за здравствена грижа
  • Радикална промена на начинот на живот
  • Човечко страдање причинето на семејствата на работниците (кое не може да се надомести со пари)
Трошоци за работодавачите
  • Осигурителна премија за повреда ||
  • Исплата на работната сила при прекин на работа поради несреќи
  • Повредените/болните работници треба да бидат заменети
  • Новиот работник треба да се обучи и потребно е време за да се прилагоди

Извор:[27] [28]

Индиректните трошоци може да бидат четири до десет пати повисоки отколку директните трошоци – таканаречената „теорија на санта мраз од инцидентни трошоци“[29].

Системите за осигурување од повреди имаат заедничка цел да пружат заштита на повредениот работник и лицата кои зависат од него/неговите штитеници; секако компензациите значително варираат од земја во земја/по земја.

Трошоците за несреќи и повреди ги плаќаме сите ние, даночните обврзници и потрошувачите. Прашањето е: Дали ние навистина имаме волја да ја плаќаме оваа висока цена? Всушност ова е прашање на политичка волја, како што економијата говори сама за себе: поефикасното спречување на несреќите не само што ќе ги намали трошоците, туку ќе ја поттикне и продуктивноста[30].

Нови ризици и БЗР во иднина

Еволуцијата на општеството, технолошкиот развој и промените на структурата на пазарот на трудот, поради глобализацијата и растот на услужниот сектор, влијаат врз промените на работните методи и работната средина ширум светот. Овие промени се причина за појавата на нови ризици за БЗР. EU-OSHA[31] ги дефинира „новите и идни ризици“ како ризици, покрај другите критериуми, кои порано не постоеле и се причинети од нови процеси, нови технологии, нови типови работни места или социјални или организациски промени. Како дел од развојот на културата за превенција на ризици, Европската опсерваторија на ризици на EU-OSHA спроведе четири експертски прогнози за предвидување на идните и новонастанати ризици поврзани со четири главни области на ризици за БЗР: физички[32], хемиски, биолошки и психо-социјални.

Идните и новонастанати ризици за БЗР може да бидат од различно потекло, имено од: нови технологии, нови производни процеси, нови работни услови и нови форми на вработување. Секој ден се појавуваат нови производи и нови процеси како последица од развојот, на пример, на нанотехнологијата. Наноматеријалите се сè почесто присутни во нашиот секојдневен живот, на пример, во здравствената грижа, био-технологијата, производството на чиста енергија, информациите и комуникациите, хемиските, електронските и воените индустрии, земјоделството и градежништвото.Нивната употреба/примена може да понуди разновидна корист, меѓутоа моменталната брзина на развојот на нанотехнологијата значи дека, покрај тековните истражувања, сепак постојат јазови во знаењето/науката во врска со проценка на ризик на работното место. Новите биолошки ризици произлегуваат од биотехнолошката индустрија, каде што оние кои се ангажирани во развојот на нови продукти и генетски модифицирани организми се изложени на одредени ризици. Дополнително на тоа, здравствените работници, спасувачите и интервентните работници, работниците во земјоделството или управувањето со отпад се изложени на новите произлезени заразни болести, на заразни болести отпорни на лекови, организми отпорни на бактерии, животински отпад и ендотоксини.

Новите работни услови (на пример, имплементација на слаби производствени модели) можат да доведат до зголемен обем на работата доколку тие се спроведуваат без да се води сметка за ергономијата[33]. Интензивирањето на работата како резултат на намалување на претпријатието, лошите услови поврзани со миграција на работата и работните места во неформалната економија, исто така може да предизвикаат нови ризици за БЗР.

Структурата на работната сила исто така се менува, имено, тенденцијата на пораст на работната сила која старее и зголеменото учество на жените на новиот пазар на трудот. Новите форми на вработување и на занимања, како и времените договори, само-вработувањето, склучувањето поддоговори и надворешните услуги (екстернализација) се вообичаени во денешно време. Овие нови форми на вработување влијаат врз работните услови, што дополнително отежнува да се постигне здрава рамнотежа меѓу животот и работата. Кога ќе се соберат заедно сите фактори, таквите промени доведуваат до зголемен стрес поврзан со работата и други форми на ментални болести, трендови кои ќе бидат сè поакутни во текот на глобалните економски кризи[34]. Некои ергономски или човечки ризик фактори беа идентификувани како новонастанати[35], на пример слабиот/лошиот дизајн на интерфејси за интеракцијата човек-машина поради прекумерно комплексните или потребните големи сили за операција/работа.

Како заклучок, вредно е да се истакне важноста на зголемената свест меѓу работодавачите, работниците и работничките организации за рапидната и постојана промена на ризиците за БЗР, што може да се појави како последица од промените, на пример во технологијата и работните услови. Поради тоа е важно да се управуваат и да се контролираат таквите промени. Системите за управување со БЗР имаат витална улога во превенцијата на несреќите при работа и болестите во работниот систем во постојан развој.

Литература

  1. EC – European Council, ‘Council Directive 89/391/EEC of 12 June 1989 on the introduction of measures to encourage improvements in the safety and health of workers at work (Framework Directive)’, Official Journal L 183, 29/06/1989, 1989, pp. 0001-0008. Available at: [1].
  2. EC – European Council, ‘Council Directive 89/391/EEC of 12 June 1989 on the introduction of measures to encourage improvements in the safety and health of workers at work (Framework Directive)’, Official Journal L 183, 29/06/1989, 1989, pp. 0001-0008. Available at: [2].
  3. ILO – International Labour Organization, Introduction to Occupational Health and Safety. Available at: [3]
  4. BSI – British Standard Institutions, Occupational health and safety management systems – Requirements, BS OHSAS 18001, 2007. 2007
  5. BSI – British Standard Institutions, Occupational health and safety management systems – Requirements, BS OHSAS 18001, 2007. 2007
  6. EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work, Factsheet 81, Risk assessment — the key to healthy workplaces, 2008.
  7. L. Harms-Ringdahl, Safety Analysis: Principles and Practice In Occupational Safety (2nd ed.), Taylor & Francis, 2001.
  8. ILO - International Labour Organization, Occupational Safety and Health Convention (C155), 1981. Available at: [4].
  9. ILO - International Labour Organization, The Sixteenth International Conference of Labour Statisticians, Resolution concerning statistics of occupational injuries (resulting from occupational accidents), adopted by the Sixteenth International Conference of Labour Statisticians, 1998.
  10. EU - European Commission, European Statistics on Accidents at Work (ESAW) Methodology, 2001.
  11. EC – European Council, ‘Council Directive 89/391/EEC of 12 June 1989 on the introduction of measures to encourage improvements in the safety and health of workers at work (Framework Directive)’, Official Journal L 183, 29/06/1989, 1989, pp. 0001-0008. Available at: [5].
  12. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Preventing accidents at work, 2001. Available at: [6].
  13. European Network for Workplace Health Promotion, Luxembourg Declaration on Workplace Health Promotion in the European Union, 2007. Available at: [7].
  14. BSI – British Standard Institutions, Occupational health and safety management systems – Requirements, BS OHSAS 18001, 2007. 2007
  15. L. Harms-Ringdahl, Safety Analysis: Principles and Practice In Occupational Safety (2nd ed.), Taylor & Francis, 2001.
  16. EC – European Council, ‘Council Directive 89/391/EEC of 12 June 1989 on the introduction of measures to encourage improvements in the safety and health of workers at work (Framework Directive)’, Official Journal L 183, 29/06/1989, 1989, pp. 0001-0008. Available at: [8].
  17. EC - European Commission, Guidance on Risk Assessment at Work, Luxembourg, 1996. Available at: [9].
  18. EC - European Commission, Guidance on Risk Assessment at Work, Luxembourg, 1996. Available at: [10].
  19. EC - European Commission, Guidance on Risk Assessment at Work, Luxembourg, 1996. Available at: [11].
  20. EC - European Commission, Guidance on Risk Assessment at Work, Luxembourg, 1996. Available at: [12].
  21. EC – European Council, ‘Council Directive 89/391/EEC of 12 June 1989 on the introduction of measures to encourage improvements in the safety and health of workers at work (Framework Directive)’, Official Journal L 183, 29/06/1989, 1989, pp. 0001-0008. Available at: [13].
  22. EU-OSHA – European Agency for Safety and Health at Work, Factsheet 81, Risk assessment — the key to healthy workplaces, 2008. Available at: [14]
  23. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Key facts, 2013. Available at: [15].
  24. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Business aspects of OSH, 2013. Available at: [16].
  25. ILO – International Labour Organization, Introduction to Occupational Health and Safety. Available at: [17]
  26. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Preventing accidents at work, 2001. Available at: [18].
  27. ILO – International Labour Organization, Introduction to Occupational Health and Safety. Available at: [19]
  28. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Preventing accidents at work, 2001. Available at: [20].
  29. F.E.J. Bird, Management guide to loss control, Institute Press, Loganville, GA, 1974.
  30. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Preventing accidents at work, 2001. Available at: [21].
  31. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Expert forecast on emerging physical risks related to occupational safety and health, 2005. Available at: [22].
  32. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Expert forecast on emerging physical risks related to occupational safety and health, 2005. Available at: [23].
  33. Figueira, S., V. Cruz Machado, Nunes, I.L. 'Integration of human factors principles in LARG organizations - A conceptual model', Work, Vol. 41(SUPPL.1), 2012. pp. 1712-1719.
  34. ILO - International Labour Organization, Emerging risks and new patterns of prevention in a changing world of work, 2010. Available at: [24].
  35. EU-OSHA - European Agency for Safety and Health at Work, Literature review - The human-machine interface as an emerging risk, 2010. Available at: [25].

Contributors

Milan Petkovski
OSH: 
NACE: